Господовото пасиште

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде.

(Јован 10,9)

Драги браќа и сестри,

 

Само недела дена од Централната прослава по повод големиот јубилеј „ 1000 години Охридска архиепископија“ , од Охрид, по Божја промисла, по благослов на Вашиот надлежен Владика, дојдовме во Виена, овде во храмот на Охридскиот чудотворец, светиот Наум, не само да ја споделиме свежата радост од свечената прослава, туку истата да ја умножиме, прославувајќи го значајниот јубилеј на оваа Македонска православна црковна општина во која вие цели 25 години се црквувате заедно, сведочејќи ја верата Христова, верата наша православна, верата на нашите предци, но и верата на нашите потомци, кои се иднината на оваа црковна општина во Австрија.

Ако пред само недела дена, целата православна екумена, на празникот Педесетница – Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, во народот познат како Духовден – го празнуваше роденденот од основањето на Светата Црква, сеќавајќи се на првите апостолски мисионерски подвизи, ние само една недела потоа, денес во првата недела по Педесетница, во неделата посветена на сите Светии, го прославуваме 25 роденден на оваа наша прекрасна млада црковна општина, која е основана во 1993 година, од страна на македонскиот народ, кој како семе синапово, талкајќи од ветерните стихии на овој век, стигнал и овде во централна Европа, каде не само што низ годините се насадил на ова тло, но и успешно живее и твори, ја шири македонската култура и традиција и тоа се од ова место, од храмот, каде што во еден соборен дух, повторно Бог не собра од сите краишта на нашата мила родна земја Македонија, во овој празничен ден посветен на светиот цар Константин и неговата мајка светата царица Елена, да Му се заблагодариме за Неговата неизмерна љубов и на сите Негови добрини дарувани нам низ годините до денес.

 

Почитувани,

Апостолите, ширејќи ја црквата Христова за нејзин темел, за нејзин аголен камен го поставиле Самиот Господ Исус Христос, Кој во денешното евангелие, ни вели: Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде (Јован 10,9), а Вие знаејќи го тоа, жедни за црковен живот, ја формиравте оваа Црковна општина, овој свет храм, ова Ваше пасиште, чиј аголен камен е токму нашиот Господ и Вие сите овие години секојдневно влегувајќи во овој храм, преминувајќи ја храмовата врата, прагот и влегувајќи во него соборно како црква, сведочите дека спасението е во Црквата, дека спасението е во соборната љубов, каде што се двајца или тројца, покрај Христос Бог – Добриот пастир, чиј што глас овците го слушаат, бидејќи вистина, вистина ви велам: Он е вратата на овците.. (сп. Јован 10,7).

 

Возљубени,

Токму на овој темел апостолските ученици ја утврдувале Господовата наука, а после нив и Светите Отци, а во денешните дни и Вие мили чеда, кои неизмерно се вградувате со Вашите дела во оваа жива црква, по примерот на светите Константин и Елена, кои изградија доста цркви и манастири за време на својот живот. И ете не случајно токму тие денес по Божјата промисла нè собраа во оваа храмово трло – да се потсетиме на оние дни, на почетоците од формирањето на црковната општина, на годините на развиток, но и на овие времиња кога во ова пасиште на благодатта, секој празник, секоја недела - сите ние постепено се учиме и ги откриваме тајните на верата, напредувајќи во духовниот живот, преку дните на постот, кои веќе од утре ни следуваат, придружени со пост и молитва.

Само така живеејќи ќе го оправдаме постоењето на овој храм, на оваа црковна општина во Европската епархија и Бог ќе ги умножи годините и македонскиот народ, неговите овци словесни, кои ќе бидат се побројни во оваа храмово трло на љубовта.

Нека ни е вековита и од Бога благословена оваа црковна општина! За многу години!